Прескокни до содржината

Четврток од Првата недела во Великиот пост

·Igor Rizanovski
Четврток од Првата недела во Великиот пост

На 22.02.2018 г., во Четвртокот од Првата недела во Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Големо повечерие со читање на последниот дел од Канонот на Свети Андреј Критски, во храмот Пресвета Богородица во Битола.

Четврток од Првата недела во Великиот пост

**Ирмос: Од бессемено зачнување – раѓање неискажливо. Од Мајка безмажна – нетлен плод, зашто Божјото раѓање ја обновува природата; затоа сите народи, како  Богоневестна Мајка, православно Те величаме. **

Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Смилувај се, Сине Давидов, спаси и помилуј ме, Ти, Кој со збор бесомачните ги исцели. Со умилен глас речи ми како на разбојникот: “Амин! Вистина ти велам, со Мене во рајот ќе бидеш, кога ќе дојдам во славата Моја!”

Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Едниот разбојник Те хулеше, а другиот како Бог Те славеше, обата на крстови висејќи. Но, о, Милосрден, како Твојот верен разбојник, кој во Тебе Бога Го позна, и мене вратата на славното Царството Твое отвори ми ја.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Сета твар трепереше распнат гледајќи Те, гори и камења од страв се распаѓаа, земјата се колебаше, пеколот се разголуваше и светлоста дневна се помрачуваше, гледајќи Те Тебе, Исусе, со тело прикован.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Судијо мој и Познавачу мој, кога повторно со ангелите ќе дојдеш на светот да му судиш, поштеди ме тогаш, гледајќи ме со Твоето милосрдно око, и уштедри ме мене, Исусе, кој секоја човечка природа во гревот ја надминав.

Преподобна мајко, Марие, моли Го Бога за нас!

Сите ги восхити со твојот чудесен живот, ангелските чинови и сите луѓе, живеејќи како бесплотно и натприродно битие. Така одејќи, Марие, со нозе невештаствени, Јордан го мина.

Преподобен оче Андрее, моли Го Бога за нас!

Андрее чесни, и оче преблажени, пастиру Критски, не престанувај да се молиш за оние кои те воспеваат; за да се избавиме од секој гнев и неволја, и пропаст, и од безбројните прегрешенија, ние кои верно го почитуваме споменот твој.

(Од Покајниот канон на Свети Андреј Критски)