Прескокни до содржината

Ешко и Мешко - (За пријателството)

·Zlatko Divjakovski
Ешко и Мешко - (За пријателството)

Само уште малку – и ќе се појават ѕвездите. Ќе исплива месечината и ќе заплови, нишајќи се, над тивките есенски полиња. Потоа месечината ќе ѕирне во шумата, ќе почека малку, закачувајќи се за врвот од највисоката елка, и таму ќе ја видат Ежето и Мечето.

  • Колку е сепак добро, што се имаме еден со друг! Ти само замислиси: мене ме нема, ти седиш сам и немаш со кого да позборуваш.

  • А ти каде си?

  • Мене ме нема.

  • Така не може – рекло Мечето.

  • И јас така мислам, - рекло Ежето. – Но, ете така – мене воопшто ме нема. Ти си сам. И што ќе правиш?

  • Ќе дојдам кај тебе.

  • Каде?

  • Како – каде? Дома. Ќе дојдам и ќе ти речам: „Ти, зошто не дојде, Еже?“ А ти ќе речеш...

  • Ех, колку си глупав! Што ќе речам јас, ако ме нема?

  • Ако не си дома, значи си отишол кај мене. Ќе дојдам дома. А-а, тука си бил! И ќе почнам...

  • Што?

  • Да те карам!

  • За што!

  • Како за што? За тоа што не си направил како што сме се договориле.

  • А како сме се договориле?

  • Од каде да знам? Но, ти треба да бидеш или кај мене, или кај тебе дома.

  • Но мене воопшто ме нема. Разбираш?

  • Ама еве си, седиш!

  • Јас сега седам, а ако мене воопшто ме нема, кај ќе бидам?

  • Или кај мене, или кај тебе.

  • Тоа е ако ме има.

  • Па, да. – рекло Мечето.

  • А ако воопшто ме нема?

  • Тогаш ти седиш крај реката и гледаш во месечината.

  • И на реката ме нема.

  • Тогаш ти си отишол некаде, и сеуште се немаш вратено. Јас ќе отрчам, ќе ја пребарам целата шума и ќе те најдам!

  • Ти веќе сè си пребарал, - рекло Ежето. – И не ме најде.

  • Ќе побегнав во соседната шума!

  • И таму ме нема.

  • Ќе превртам сè, од глава до пети, и ќе се најдеш!

  • Ме нема. Никаде ме нема.

  • Тогаш, тогаш... Тогаш ќе побегнам в поле – рекло Мечето. – И ќе викнам: „Е-е-е-же-е-е!“, а ти ќе ме чуеш и ќе викниш: „Ме-е-че-е-е!“ Ете така.

  • Не, - рекло Ежето. – Од мене ни трошка нема. Разбираш?

  • Што-туку ми се нафрли мене? – се налутило Мечето.

  • Ако тебе те нема, и мене ме нема. Сфати?

  • Не, тебе – те има; а мене – ме нема. Мечето замолчило и се намуртило.

  • Ама, Мече!..

Мечето не одговорило. Тоа гледало како месечината, подигнувајќи се високо над шумата, ја излева над него и Ежето својата ладна светлина.