Прескокни до содржината

Големо литургиско торжество во храмот Света Петка, во Прилеп

·Igor Rizanovski
Големо литургиско торжество во храмот Света Петка, во Прилеп

Денес, кога Светата Црква празнува троен Празник, односно Покровот на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и споменот на Светиот преподобен ангелогласен отец наш Јован Кукузел и Светиот Роман Слаткопевец, со духовно благоговение беше отслужена Света Божествена Литургија, во прилепскиот храм Света Петка. На Литургиското благодарење претходеше Празничната Воскресна Утрена, на која беше отпеан и богородичниот полиелеј "Слово благо". Четири хорски ансамбли, со благочестива усрдност ги пееја Литургиските химни. Покрај нашите два хора, Хорот "Света Петка" и Црковниот хор "Свето Благовештение", со особено музичко благоприличие членовите на Хорот "Свети Илија" од Скопската епархија, го збогатија духовниот празник.

Радоста ја умножија и малите кукузелиња на Св. Петка, кои покрај две песнопеења, го прочитаа Символот на Верата и Отче наш.

Големо литургиско торжество во храмот Света Петка, во Прилеп

На крајот, пред иконата на Свети Јован Кукузел, беше осветен празничниот колач и од устите на сите четири хора, заедно со благочестивите присутни православни христијани се слушна Многаја лета, Во здравје и спасение...

По молитвената и духовна трпеза, за сите учесници беше организирано послужување и трпеза на љубовта.

Гостите од Скопје, потоа ја посетија и прилепската соборна црква "Свето Благовештение", во која духовно раснеле многу наши преродбеници меѓу кои се Марко Цепенков, Митрополит Методиј Кусев и секако првиот современ македонски композитор Атанас Бадев.

Нека Покровот на Мајката Божја, Пресветата Владичица наша Богородица постојано ги закрилува сите оние кои со љубов го чествуваат овој Празник.

Нека и нас, Господ, по молитвите на Свети Јован Кукузел и Св. Роман Слаткопевец, нѐ удостои секогаш со љубов да И` пееме на Неговата Мајка.

Им благодариме на сите кои придонесоа за убавината и благолепието на денешниот ден.

На Многаја и Благаја Лета.