Прескокни до содржината

Монашки постриг во манастирот „Свето Преображение“, во Зрзе

·Igor Rizanovski
Монашки постриг во манастирот „Свето Преображение“, во Зрзе

На 23.09.2024 година, по вечерната богослужба, кога молитвено ги прославуваме преподобната Теодора Александриска, преподобниот Силуан Атонски и преподобниот Ефросиниј готвач, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско – пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, благоизволи во молитвено присуство на игуменот на манастирот свето Преображение – Зрзе, преосветениот епископ Хераклејски Климент со братството, да ги замонаши во мала схима расофорниот монах Тихон (Бошевски) и расофорниот искушеник Никола (Чурановски) кому му го даде монашкото име Натан, по старозаветниот пророк Натан.

Радоста на зрзеското братство беше удвоена со присуството на епископот Велички г. Никола, како и присуството на архиерејскиот заменик и епархиски секретар протојерејот - ставрофор г. Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски.

Митрополитот г. Петар, по монашењето произнесе вдахновено и поучително слово, го благослови започнатиот монашки подвиг, а на зрзеското братство му посака напредување и преуспевање во духовниот живот.