Осветување на реконстуираниот манастирски комплекс Свето Преображение - Зрзе (ВИДЕО)

На 06.03.2016 г, неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на неговото Високопреосвештенство, надлежниот Митрополиот Преспанско-Пелагониски г. Петар, и неговото преосвештенство, свештено-игумен на манастирот, епископот Хераклејски г. Климент, и го освети реконструираниот манастирски комплекс Св. Преображение - Зрзе.
На осветувањето присуствуваа Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, пратениците во Собранието на РМ, градоначалниците Марјан Ристески и Боше Милошески, Претседателот на Совет Никола Димески и голем број на граѓани, претставници од приватниот и бизнис сектор со чија помош и несебично залагање се реализираше обновата на оваа обител.
„Реконструкцијата на овој духовен центар несомнено ја демонстрира посветеноста и нашите заложби да го сочуваме богатото културно наследство кое го поседуваме како држава, да обезбедиме негова соодветна заштита, промоција и достапност до нашите граѓани. Од денеска сите добронамерници од нашата земја но, и од целиот свет ќе можат непречено да го посетуваат ова светилиште, кое има огромно значење за македонската култура и наследство“ посочи министерката за култура во својата изјава.
За сите овие археолошки и реконструктивни зафати и за партерното уредување на комплексот Министерството за култура има издвоено 92 милиони денари.
„ Токму до ова свето место е изграден и новиот локален пат кој ќе овозможи сите посетители непречено да го посетуваат манастирскиот комплекс и да се запознаат со вековна духовна традиција“, посочи градоначалникот Марјан Ристески.
Манастирот „Св. Преображение“, е место во кое сите ние ќе уживаме во убавините на македонската земја, во мирот и спокојството на овој манастир кој ја дарува најубавата глетка на пелагониската котлина.
*„Како елен што се стреми кон водниот извор, така се стреми кон Тебе душата моја...“ **(Пс.41, 1).*
Во прилог, ви препорачуваме една докуметарна емисија за манастирската обител, која подробно ќе ве запознае со манастирот.
Извор: prilep.gov.mk