Помеѓу

Св. Наум

Сеач излегол да сее семе
помеѓу копното и водата,
посеал и тоа без бреме
помеѓу храброста и суетата.
Се фатило па проникнало
и временски плод дало,
но, се двоумеа луѓето
се прашуваа зачудено -
зошто тоа во уста не им било слатко ?
Се прашуваа минливите
зошто плод не созрева,
гатаа гатачите
постојано мудреците се посрамуваа.
Тоа семе посеано
помеѓу угар и ораница
за човека било наменето
а на друг створ не може да му дојде до уста.
И ете се најде -
човек, помеѓу смирение и трпение,
на земјата и под небото
храброст да собере одважно.
Поверува дека љубовта е всадена
во семе помеѓу копното и водата,
виде дека таква е и неговата душа
од иста рака во тело положена.
Па вкуси од горката,
горката вистина на лагата
па се најде да било слатко
во душа проѕирна како стакло.
Подаваше и на свои ближни
да знаат да живееат со вистини
бидејќи само во човечка утроба
семе дишеше и така созреа.
Се намножија разбудени
со Духот пробудени,
со раце подигнати,
со радости и неволји.
Семе во нив разви крила
свест им осозна нова татковина,
Благодат изгони лага дива,
очи надминаа премрежја.
Помеѓу Ангелите и луѓето,
помеѓу вечното и минливото,
продолжи зборови да редиш,
продолжи душо да медиш.
Така од семе име да добиеш
во висини да се вивнеш
но при свои да останеш
иако ретки познаа дека вечно живееш.

*(Од збирката богољубива поезија „Манастирски води“, на сестринството
*при Слепченскиот Претеченски манастир)