Прескокни до содржината

Среда од Првата недела во Великиот пост

·Igor Rizanovski
Среда од Првата недела во Великиот пост

На 04.03.2020 г., во Средата од Првата недела во Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи Големо повечерие со читање на третиот дел од Канонот на Свети Андреј Критски, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

Среда од Првата недела во Великиот пост

Ирмос: Повикав од се срце кон Штедриот Бог, и ме слушна од најдолниот ад и го изведе од гибел животот мој.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Стани и победи ги телесните страсти, како Исус (Навин) – Амалика и Гаваонците, победувајќи ги секогаш лажните помисли.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Бог заповеда, душо, да ја поминеш минливата природа на времето и да станеш наследник на ветената земја.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Како што го спаси Петра, кој повика: Спаси ме; побрзај, Спасителу, и од ѕверот избави ме! Подај ја раката Твоја и од бездната гревовна изведи ме.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Знам дека си мирно пристаниште, Владико Христе, затоа побрзај и од непроодната длабочина на гревот и очајание избави ме.

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Троица сум проста, нераздела, а по лица разделна; и Единица сум, по природа соединета, вели Отецот и Синот и Светиот Дух.

И сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Утробата твоја Бога ни Го роди, според наш образ: Него, како Создател на сите, моли Го, Богородице, по твоите молитви да се оправдаме.

Кондак: Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш, крајот се приближува, ќе се збуниш. Затоа разбуди се, за да те поштеди Христос Бог, Кој е насекаде и се исполнува.