Прескокни до содржината

Тебе ти зборувам

·Zlatko Divjakovski
Тебе ти зборувам

Спиеш ли

додека ноќта ме гуши?

Дишеш ли

додека денот ме заслепува?

Гледаш ли во виделина

додека те држам во темнина?

Тебе ти зборувам срце мое

кое и Вечноста може да ја собере,

кое и муграта може да ја раздени,

кое и морето може да го пресуши –

само да не беше рането.

По патеки – убавини,

по ливади расцветани,

по места од око невидени

тебе те носеше Творецот,

за да ги знаеш сите вкусови

но да го задржиш пелинот.

Горката вода од овој свет

да не те затруе занавек,

убоста од овој век

да не те запре на преминот

сè да минеш и издржиш

говорејќи со својот Пријател крај каминот –

само да не беше рането.

Мисли и помислувај

само не сонувај -

дека оро од самовили

ќе ги обнови твоите предели,

дека роса рана утринска

ќе ти биде ладовина

да ја олади твојата жестина.

Туку ти повикај кон гора висока

да слезе оној кој тебе те заплиска,

превие рани нанесени

очисти дворови неметени,

па да бидете двајцата едно

имате само Она кое е вредно

небо вас да ви отвори

залечи сите ваши рани.

Тебе ти зборувам

*(Од збирката богољубива поезија „Манастирски води“, на сестринството

*при Слепченскиот Претеченски манастир)