Прескокни до содржината

За воспитаните луѓе - А. П. Чехов

·Zlatko Divjakovski
За воспитаните луѓе - А. П. Чехов

Воспитаните луѓе, според мене, треба да ги исполнуваат следните услови:

  • Тие ја почитуваат човечката личност, и затоа секогаш се снисходливи, меки, љубезни, пристапни... Тие не креваат врева за некоја гребнатинка или изгубен стегач; живеејќи со некој, тие не прават од тоа задолжување, а заминувајќи, не велат: со вас не може да се живее! Тие проштеваат и врева и студенило, и изгорено месо, и излутен ручек, и присуството на туѓинци во нивниот дом...

  • Тие сострадуваат не само кон бедните и мачките. Тие боледуваат со душата и од она, кое не можеш да го видиш само со очите...

  • Тие ја почитуваат туѓата сопственост, па затоа и го плаќаат долгот.

  • Тие се чистосрдечни и се плашат од лагата како од оган. Не лажат ни за ситници. Лагата, е навредлива за слушателот и го валка во неговите очи оној што зборува. Тие не се преправаат, на улица се однесуваат како дома, не фрлаат прашина во очите на помалите браќа... Тие не се дрдорливи и не навлегуваат со напади на искреност, кога не ги прашуваат... Од почит кон туѓите уши, почесто молчат.

  • Тие не се понижуваат себеси, за да предизвикаат кај другите сочувство и помош. Тие не свират на струните на туѓите души, за како одговор да им воздивнуваат и да ги разгалуваат. Тие не велат: мене не ме разбираат!..

  • Тие не се суетни. Не ги интересираат такви фалшливи брилијанти, како запознавањето со познатите, восхитот од виденото по Салоните, рекламирање со брендовите...

  • Ако имаат во себе талант, го почитуваат. И ги жртвуваат за него одморот, жените, виното, суетата...

  • Тие ја воспитуваат во себе естетиката. Не можат да заспијат во облека, гледајќи на ѕидот траги и пајажини, да дишат нечист воздух, да чекорат по исплукан под, да се хранат од валкани садови.